Британскиот премиер Кир Стармер денеска најави дека во петок ќе се одржи итен состанок меѓу лидерите на Велика Британија, Франција и Германија поради влошената хуманитарна ситуација во Газа. Тој истовремено ја потврди поддршката за „неотуѓивото право на палестинскиот народ на државност“.
„Утре ќе остварам итен повик со партнерите од групата Е3 (Франција, Германија и Обединетото Кралство), на кој ќе разговараме за тоа што можеме итно да направиме за да ги сопреме убиствата и да обезбедиме храна за населението што очајно ја потребува“, изјави Стармер.
Ситуацијата во Газа, според него, „достигна нова критична точка и продолжува да се влошува“. Тој ја опиша состојбата како „хуманитарна катастрофа“, со оглед на тоа што повеќе од 2 милиона жители живеат под израелска блокада, лишени од основна хуманитарна помош.
„Постои итна потреба Израел да го смени курсот и да дозволи непречено доставување на помошта што Газа очајно ја потребува“, додаде британскиот премиер.
Стармер нагласи дека воспоставувањето прекин на огнот е клучен чекор кон признавање на палестинската држава и долгорочно решение базирано на две држави, кое би донело мир и безбедност и за Палестинците и за Израелците.
Францускиот претседател Емануел Макрон ден пред состанокот потврди дека Франција ќе ја признае Државата Палестина на Генералното собрание на ОН во септември.
„Верни на нашата историска посветеност на праведен и траен мир на Блискиот Исток, решив Франција да ја признае Државата Палестина“, напиша Макрон на X и Instagram.
Иницијативата доаѓа во момент на засилен меѓународен притисок врз Израел за ставање крај на страдањата во Појасот Газа, а ЕУ земјите сè повеќе се приближуваат кон официјално признавање на палестинската држава.