
Велика Британија се најде во центарот на нови дипломатски тензии откако рускиот амбасадор во Лондон, Андреј Келин, оцени дека земјата практично станала дел од конфликтот со Иран.
Според неговата изјава, дозволата американските воени сили да користат британски бази за напади врз цели во Иран претставува директно вклучување на Лондон во воените операции. Ова, како што нагласува, е спротивно на официјалните позиции на британските власти дека нивната улога е ограничена и одбранбена.
Британскиот премиер Кир Стармер претходно потврди дека Велика Британија го одобрила барањето на САД за користење на воени бази, со цел изведување напади врз ракетни складишта во Иран. Овој потег, според Келин, отвора дилеми околу вистинската позиција на Лондон во кризата.
„Се обидуваат да прикажат дека не се страна во конфликтот, туку само даваат ограничена поддршка. Прашањето е колку тоа навистина е така“, изјави рускиот дипломат, потенцирајќи дека ваквите чекори суштински ја менуваат улогата на Велика Британија.
Од друга страна, британските власти повторуваат дека нивниот приоритет останува безбедноста на сопствените граѓани и поддршката на сојузниците, при што нагласуваат дека дипломатското решение на кризата и натаму е нивна главна цел.























