
Кинеската вселенска мисија добива неочекувано продолжение: тројцата астронаути од „Шенжоу-21“ ќе останат во орбитата подолго од планираното. Наместо враќање во април по шестмесечен престој, нивната мисија се продолжува за уште околу еден месец, одлука донесена по детална анализа на Кинеското биро за вселенско инженерство со екипаж.
Екипажот, кој беше испратен во вселената на 31 октомври со ракетата „Лонг марш-2Ф“ од базата Џиукван, веќе има зад себе повеќе од пет месеци интензивна работа во орбитата. Во составот се наоѓаат Џанг Хонгџанг, Ву Феи – најмладиот кинески астронаут досега – и искусниот командант Џанг Лу, кој претходно учествуваше во мисијата „Шенжоу-15“.
И покрај долгото време поминато во микрогравитација, според државната телевизија CCTV, тројцата астронаути се во стабилна физичка и работна форма. Нивната мисија досега вклучуваше низа сложени операции: од поставување заштитна опрема против вселенски отпад до детални надворешни инспекции на станицата, изведени со помош на роботска рака и тимови од Земјата.
Продолжувањето на престојот не е случајно. Кинеските власти сакаат дополнително да ги тестираат технологиите и капацитетите за долгорочен човечки живот во орбитата, клучен чекор за идните амбиции во длабоката вселена.























