Тропската бура Ерин денес зајакна во ураган од четврта категорија во Карипското Море, соопшти Американскиот национален центар за урагани (NHC).
Ураганот се наоѓа околу 240 километри североисточно од Ангвила и британските прекуокеански територии, со ветрови што достигнуваат брзина до 230 километри на час. Ерин се движи кон запад-северозапад со брзина од околу 30 километри на час, пренесе „Асошиетед прес“.
Иако засега не се очекува директен удар врз копното, силните ветрови веќе предизвикуваат проблеми на околните острови. Метеоролозите издадоа предупредувања за можни поплави, одрони и клизишта.
Предупредувањата важат за Сен Мартен, Сен Барт и Сен Мартен, а прогнозите на NHC најавуваат обилни врнежи до недела за северните делови на Левардските острови, Девичанските острови и Порторико.
Во САД, најризични зони се крајбрежните области како Утер Бенкс во Северна Каролина, Лонг Ајленд во Њујорк и Кејп Код во Масачусетс, каде постои можност за директен удар од тропска бура или ураган. Јужниот и средниот Атлантик, како и крајбрежјето на Нова Англија, ја следат состојбата со намален, но сепак присутен ризик.
Ерин е петтата бура во тековната атлантска сезона на урагани, која трае од 1 јуни до 30 ноември, а прва што достигна статус на ураган. NHC предупредува дека ураганот дополнително ќе се засилува во наредните денови и апелира до населението и властите на погодените острови да бидат максимално подготвени за екстремни временски услови.