Унгарија е решена да се заштити од илегалната миграција и бара од Брисел да престане со двојните стандарди, изјави шефот на дипломатијата Петер Сијарто.
По состанокот на министрите за надворешни работи од форматот Ц5 (Австрија, Чешка, Унгарија, Словачка и Словенија), Сијарто порача дека илегалната миграција е еден од најсериозните предизвици за регионот.
Тој потсети дека Унгарија од 2015 година потрошила стотици милијарди форинти за заштита на границите, со што, како што рече, не ја штити само својата држава, туку и поширока Европа од можен бран мигранти.
Сијарто остро реагираше на односот на Брисел, нагласувајќи дека Европската комисија ја пофали Полска за изградбата на ограда и најави финансиска поддршка, додека Унгарија плаќа казна од еден милион евра дневно за истата мерка. „Ова е тешка неправда и груб двоен стандард“, истакна тој, повикувајќи ги колегите од Централна Европа да помогнат во надминувањето на проблемот.