УТРО.мк

Украинската православна црква се соочува со можна забрана поради Москва

Украинската православна црква се соочува со можна забрана поради Москва
Vero

Киев – Украинската православна црква (УПЦ) наскоро би можела да биде забранета, оти не ги прекинала долгогодишните врски со Москва, соопшти денеска украинската влада. Мерката се однесува главно на Киевската митрополија на УПЦ, која ја води митрополитот Онуфриј, на кого веќе му е одземено државјанството.

Законот што во 2023 година го усвои украинскиот парламент забранува дејност на Руската православна црква (РПЦ) и овозможува забрана на организации поврзани со неа. Иако УПЦ ја осуди целосната инвазија на Русија во 2022 година и прогласи независност од Московската патријаршија, украинската влада тврди дека не се преземени сите неопходни чекори за конечен прекин на врските, вклучително измена на статутот.

Државната служба за етнополитика и слобода на совеста (ДСЕСС) заклучи дека УПЦ сè уште е поврзана со Москва, а владата поднела барање до суд за нејзина забрана. Постапката може да трае со месеци, а доколку судот донесе одлука против УПЦ, таа ќе има право на едно жалбено разгледување пред повисок суд.

Според анкетите, околу 70 отсто од Украинците се православни христијани, но мнозинството се приклонети кон Православната црква на Украина (ПЦУ), која во 2019 година доби автокефален статус од Вселенскиот патријарх Вартоломеј. УПЦ, и покрај тоа што управува со бројни парохии и манастири, се соочува со можни санкции и ограничувања за користење на имотите што не се нивна сопственост.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран