Австриската јавност е во шок по масакрот во средното училиште BORG во Грац, каде 21-годишниот Артур А. уби десет лица, најголем дел од нив малолетни ученици. Според австриските медиуми, трагедијата не била спонтан чин – младиот напаѓач подолг период се подготвувал за злосторството.
Артур А., роден од мајка Австријка и татко Ерменец, израснал со самохраната мајка, постари браќа и домашна мачка во предградие на Грац. Неговите родители биле разделени со години. Уште во шесто одделение паднал на година и подоцна го напуштил училиштето без да стекне диплома. Според извори блиски до истрагата, чувствувал дека бил малтретиран.
Неодамна се пријавил во Австриската служба за вработување (AMS). Иако имал легална дозвола за поседување оружје, не поседувал дозвола за негово носење.
Обука за ракување со оружје – чекор по чекор
Артур бил сопственик на пиштол „Глок“ и ловечка пушка, кои спаѓаат во категоријата Ц според австриските прописи. Неговата обука за користење оружје се одвивала во локален стрелачки клуб, сместен точно помеѓу неговиот дом и училиштето каде што подоцна ќе го изврши нападот.
Во клубот се зачленил како почетник со пробна членска карта што ја платил 10 евра. Под надзор учел како да ракува со огнено оружје, иако во почетокот работел со воздушна пушка. Но, амбицијата му била јасна – сакал да ги заврши сите три фази од обуката.
Кобен повраток во училиштето
Неколку недели откако ја започнал обуката, Артур се вратил во своето поранешно училиште и на брутален начин им ги одзел животите на ученици и наставници. Стрелачкиот клуб, според првичните информации, не забележал ништо алармантно во неговото однесување додека тренирал.
Австриските власти ја водат истрагата со највисок приоритет, а јавноста бара одговори како дошло до тоа лице со ваков профил да стекне пристап до оружје и да изведе масакар од вакви размери.