
47-годишниот Даниел Андреас Сан Диего, кој со години важеше за еден од најбараните терористи на Федералното биро за истраги (ФБИ), е уапсен во Велика Британија и се очекува да биде екстрадиран во САД.
Според британските медиуми, Сан Диего се сомничи дека стои зад два бомбашки напади извршени во областа на Сан Франциско во 2003 година. Одговорноста за нападите тогаш ја презеде радикална група за права на животните.
Тој бил уапсен во ноември 2024 година на изолиран рурален имот во близина на шумска област во Конви, Северен Велс, каде што со години живеел под лажен идентитет, користејќи го името Дени Веб.
Неговото откривање било овозможено по препознатлива тетоважа на градите со пораката „сè што е потребно е искра“, која помогнала во потврдата на идентитетот.
Сан Диего во 2009 година бил ставен на листата на најбарани терористи на ФБИ како прв осомничен домашен терорист, наоѓајќи се на истата листа со имиња како поранешниот лидер на Ал Каеда, Осама бин Ладен.























