
Во ексклузивно интервју пренесено од Ројтерс, американскиот претседател Доналд Трамп порача дека тековната воена операција против Иран е приоритет, и дека покачувањето на цените на бензинот не е причина за загриженост. „Воопшто не ме загрижува“, изјави Трамп. „Многу брзо ќе паднат кога ова ќе заврши, а ако и пораснат, нека пораснат. Ова е многу поважно од тоа бензинот малку да поскапи.“
Ова претставува промена во неговата реторика, бидејќи минатиот месец тој истакнуваше дека намалувањето на цените на горивата е еден од приоритетите на администрацијата. Политичките аналитичари предупредуваат дека подолготрајниот раст на цените на горивото би можел негативно да се одрази врз републиканците на парламентарните избори во ноември.
Шефицата на кабинетот на Белата куќа, Сузи Вајлс, и министерот за енергетика Крис Рајт веќе разговарале со директори на нафтени компании за можни мерки за ограничување на растот на цените. Трамп додаде дека очекува војната против Иран да трае четири до пет недели, иако експертите сметаат дека исходот е неизвесен.
Претседателот нагласи дека не планира да ги користи стратегиските нафтени резерви и изрази уверување дека Ормускиот теснец, клучниот премин за транспорт на нафта во близина на Иран, ќе остане отворен, оценувајќи ја иранската морнарица како „на дното на морето“.























