
Американскиот претседател Доналд Трамп упати остри критики кон НАТО, доведувајќи ја во прашање улогата на САД во Алијансата поради, како што оцени, недоволната поддршка од сојузниците во конфликтот со Иран.
Говорејќи во Мајами, Трамп изјави дека САД немаат обврска да продолжат со силна поддршка кон НАТО ако сојузниците не покажуваат реципрочна солидарност.
„Зошто би биле ние тука за нив, ако тие не беа тука за нас?“, порача Трамп, алудирајќи на, како што рече, изостанатата поддршка во актуелните безбедносни предизвици.
Тој ја оцени како „голема грешка“ одлуката на НАТО да не застане поцврсто зад Вашингтон, нагласувајќи дека САД издвојуваат значителни финансиски средства за одбраната на европските и другите сојузници.
Конфликтот во кој САД и Израел се спротивставени на Иран дополнително ги заостри односите меѓу трансатлантските партнери. Од Вашингтон веќе беа упатени обвинувања дека дел од сојузниците покажале ограничена поддршка, вклучително и во однос на користењето на воени бази.
Изјавите на Трамп отвораат нови дилеми околу иднината на трансатлантската соработка и улогата на НАТО во услови на зголемени глобални безбедносни предизвици.























