
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека финансиските проблеми на Обединетите нации можат да се решат многу едноставно – доволно е тој да ги повика земјите кои не ја платиле членарината, и тие веднаш ќе испратат чекови.
Во телефонски разговор за „Политико“, Трамп призна дека не бил свесен дека САД имаат неизвршени обврски кон светската организација, но истакна дека тоа не го спречува да понуди „едноставно решение“.
„Сè што треба да направам е да ги повикам овие земји… и чековите ќе пристигнат за неколку минути“, рече Трамп, додавајќи дека може да го реши проблемот, но само ако ОН тоа побараат од него. Сепак, тој не откри дали САД ќе ги покријат милијардите долари што им ги должат на светската организација.
Функционерите на ОН веќе предупредуваат дека недостигот на готовина може да ја принуди организацијата на драстични мерки – од намалување на операциите до можен делумен прекин на работата на седиштето во Њујорк, пренесува „Њујорк тајмс“.
Трамп нагласи дека тоа не би било прифатливо: „ОН не треба да ја напуштаат Њујорк или Соединетите Држави. Организацијата има огромен потенцијал, и ќе продолжи да се занимава со решавање на воените конфликти, дури и кога јас тоа повеќе нема да можам да го правам“.























