
Русија нема интерес да поттикнува глобален судир, изјави заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, потсетувајќи дека истото важело и за започнувањето на специјалната воена операција во Украина.
„Секако дека не сме заинтересирани за глобален судир. Не сме луди“, рече Медведев во интервју за ТАСС, Ројтерс и проектот Варгонзо, нагласувајќи дека руското раководство повеќепати го предупредувало Западот да ги почитува интересите на Москва и да седне на преговарачка маса.
Според него, денешната глобална ситуација е толку нестабилна што сè може да излезе од контрола, а опасноста од светска војна е многу реална. „Ова се однесува не само на Русија, туку и на Кина, Индија и земјите од глобалниот Југ, кои се појавуваат како самостојни актери со свои интереси во меѓународните односи“, објасни Медведев.
На прашање за најневеројатната прогноза за 2026 година, Медведев се осврна на сценарија кои сега изгледаат невозможни: распад на НАТО или враќање на Европската унија кон купување руска нафта и гас. „Ако се случи нешто од тоа, тоа би било корисно за целата планета. Можеби звучи неверојатно, но веројатноста постои“, рече тој.
Медведев, исто така, го критикуваше третманот на Венецуела од страна на САД, посочувајќи дека евентуално апсење на претседателот Николас Мадуро би претставувало удар врз меѓународното право. „Тоа би го поткопало целиот систем на меѓународни односи“, истакна тој и најави дека ќе објави правен есеј за ова прашање.
Во односите со Велика Британија, Медведев беше директен: „Само фундаментална промена на британската политика може да ги поправи односите со Русија. Сегашното раководство практикува примитивна русофобија за да си го зголеми сопствениот изборен рејтинг.“























