
Американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека НАТО и другите сојузници се соочуваат со „многу лоша“ иднина ако не помогнат во деблокирањето на Ормускиот теснец, кој е блокиран од иранските сили.
Во интервју за Фајненшл Тајмс, Трамп рече дека состанокот со кинескиот претседател Си Џинпинг, закажан за крајот на март, може да биде одложен ако Пекинг не помогне во обезбедувањето на клучниот воден пат, преку кој се транспортира околу една петтина од светската нафта.
– Соодветно е луѓето кои имаат корист од теснецот да помогнат за да се осигурат дека таму нема да се случи ништо лошо. Ако нема одговор или ако има негативен одговор, мислам дека тоа ќе биде многу лошо за иднината на НАТО, рече Трамп, нагласувајќи дека Европа и Кина многу зависат од нафтата од Персискиот Залив, за разлика од САД.
Претседателот повика Кина, Франција, Јапонија, Јужна Кореја и Велика Британија да се приклучат на „тимски напор“ за деблокирање на теснецот и додаде дека е песимист за тоа дали сојузниците ќе го следат американското барање.
– Имаме НАТО. Бевме многу љубезни. Не мораше да им помагаме со Украина, која е илјадници милји од нас, но помогнавме. Сега ќе видиме дали тие ќе ни помогнат. Јас одамна реков дека ние ќе бидеме таму за нив, но тие не секогаш се таму за нас, истакна Трамп.























