САД започнаа масовна воена операција на јужната граница со Мексико по наредба на претседателот Доналд Трамп, кој прогласи вонредна состојба поради растечкиот прилив на нелегални мигранти и зголемената активност на нарко-картелите.
Според информациите на агенцијата АП, вкупно 7.600 американски војници од сите гранки на армијата се распоредени долж границата, под команда на генерал-мајорот Скот Нојман. Покрај војската, во операцијата учествуваат и цивилни имиграциски служби, како и новоформирани специјални единици за разузнавање и логистика.
Војниците користат хеликоптери, беспилотни летала, специјализирани возила и мобилни командни центри поставени на стратешки локации. Главниот команден штаб е сместен во база за воено разузнавање во подножјето на планините Хуачука во Аризона. Поранешна сала за активности е претворена во воена соба, каде што командантите следат дигитални мапи и координираат движења на терен.
„Ова не е само обезбедување граница – ова е вистинска офанзива против илегалната миграција и криминалот“, изјави Нојман, додавајќи дека армијата е ослободена од стандардните задачи и целосно ангажирана во операцијата.
Претседателот Трамп одобри и итно вработување на 3.000 нови гранични агенти со бонуси од 10.000 долари за нововработените и оние кои ќе останат на работа најмалку две години.
Аналитичарите предупредуваат дека операцијата може да предизвика политички и правни реакции, но администрацијата на Трамп е решена – граничната безбедност е приоритет број еден во неговиот нов мандат.