
Доналд Трамп денес во Вашингтон го отвора првиот состанок на новоформираниот Одбор за мир – иницијатива што уште пред стартот предизвика силни дипломатски бранувања и отвори прашања за иднината на појасот Газа.
Во фокусот на средбата, на која се очекуваат делегации од 47 земји и претставници на Европската Унија, ќе бидат трите клучни предизвици: разоружувањето на Хамас, обезбедувањето средства за обнова и гарантирањето непречен проток на хуманитарна помош за жителите на палестинската енклава.
Американски извори најавуваат дека Трамп ќе обелодени дека за реконструкција веќе се собрани пет милијарди долари. Од таа сума, по 1,2 милијарди обезбедиле УАЕ и Куваит, сигнал дека дел од арапските држави се подготвени финансиски да застанат зад процесот.
Но, контроверзиите не изостануваат. Одборот го вклучува Израел, додека Палестинците не се дел од неговата структура, факт што предизвика критики и сомнежи околу легитимитетот на телото. Дополнително, замислата на Трамп Одборот да се занимава и со други глобални жаришта отвори дилема дали оваа иницијатива ќе ја поткопа улогата на Обединетите Нации како главна арена за меѓународна дипломатија.
Според најавите, неколку држави планираат да испратат илјадници војници во рамките на Меѓународните сили за стабилизација, кои би имале задача да го одржуваат мирот во Газа, чекор што би означил директно меѓународно безбедносно присуство на терен.
Интересно е што на состанокот нема да присуствуваат постојаните членки на Советот за безбедност на ОН, Франција, Велика Британија, Русија и Кина, што дополнително ја засилува перцепцијата за поделби околу иницијативата.
Покрај Трамп, говорници ќе бидат американскиот државен секретар Марко Рубио, специјалните претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер, поранешниот британски премиер Тони Блер, кој се споменува како висок функционер во Одборот, амбасадорот на САД во ОН Мајк Валц и специјалниот претставник за Газа, Николај Младенов.























