
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави пред новинарите пред Белата куќа дека преговорите со Иран се наводно „многу блиску“ до договор, нагласувајќи дека Иран прифати да се откаже од нуклеарното оружје.
Според неговите зборови, во идниот евентуален договор би постоела цврста гаранција дека Техеран нема да дојде до нуклеарен арсенал, при што тој ја отфрли идејата за какви било долгорочни ограничувања од типот на две децении. „Да бидеме искрени, не станува збор за 20 години ограничување“, порача Трамп, сугерирајќи дека забраната би имала поширок и постојан карактер.
Во исто време, тој откри дека би можел да отпатува во Пакистан доколку се постигне мировен договор меѓу САД и Иран, па дури и да учествува во неговото официјално потпишување во Исламабад, доколку таму се одржи церемонијата. „Би отишол во Пакистан, да. Ако таму се потпише договорот, можно е да одам, тие тоа го посакуваат“, рече тој.
Трамп додаде дека нова рунда разговори со иранската страна би можела да се одржи веќе во текот на викендот, при што посочи дека продолжување на прекинот на огнот не е нужно сигурно или неопходно.
Тој оцени и дека Иран покажува поголема подготвеност за компромис отколку во претходниот период, тврдејќи дека во последните недели има промена во нивниот пристап. „Денес се подготвени да направат работи што пред два месеца не ги прифаќаа“, изјави Трамп.
На крајот, тој испрати и поостра порака во врска со можниот исход од преговорите, предупредувајќи дека неуспехот би можел да доведе до продолжување на воените дејствија. „Ако нема договор, борбите продолжуваат“, порача тој.























