
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, оствари прием со директорот и основач на „Џез фактори фестивалот“, Сашо Поповски, заедно со гости од Србија и Црна Гора, директори на сродни фестивали, во рамки на годинашното издание на оваа значајна културна манифестација.

На средбата беше истакнато дека деветтото издание на фестивалот, кое се одржува во Битола, Скопје, Демир Хисар и Охрид, обединува врвни уметници од Франција, Израел, Австрија, Албанија, Унгарија, Полска, Црна Гора, Србија и Македонија.

Поповски информираше дека програмата нуди разновидни содржини, вклучувајќи концерти, едукативни настани, промоции на книги и професионални средби, со што се создава простор за развој и унапредување на џез културата. Тој потенцираше дека фестивалот не претставува само музички настан, туку културно движење кое ги поврзува градовите и уметниците.
Градоначалникот Коњановски нагласи дека Општина Битола континуирано ќе продолжи да ги поддржува ваквите културни иницијативи, кои придонесуваат за афирмација на градот како значаен културен центар во регионот.
„Џез фактори фестивалот“ се одржува под покровителство на Општина Битола и Делегацијата на Европската унија во Македонија.























