
Во киното „Манаки“ во Битола вечерва и утревечер ќе се одржат две ексклузивни пред-премиерни прикажувања на новиот филм „Железната тврдина“ на режисерот Митко Панов, единствениот македонски автор кој има освоено „Златна палма“.
Филмот, кој почна како скромна работилница со корисници на услугите на Психијатриската болница во Демир Хисар, со тек на време прерасна во целосно долгометражно остварување. Во неговото јадро се наоѓаат интимни, човечки приказни на луѓе што живеат на маргините, преточени во кино-раскажување кое настојува да ја разниша тишината околу психичкото здравје и општествената стигма.
„Железната тврдина“ ја носи идејата за кревкоста како универзална човечка состојба, а преку својата структура се обидува да поттикне поголема свест и разбирање во јавноста. Во проектот учествуваат осум штитеници од Психијатриската болница во Демир Хисар, чиј придонес е суштински за автентичниот тон на филмот.
Покрај нив, во актерската екипа се појавуваат и Синоличка Трпкова, Пол Гордон од САД, Игор Џамбазов, Васко Тодоров, Стефан Шашков и Јасмина Котевска.
По проекцијата, публиката ќе има можност за директна средба со дел од авторскиот тим. Режисерот Митко Панов, заедно со Јасмина Котевска и Стефан Шашков од ЦКИ-Небо, ќе бидат присутни и ќе одговараат на прашања поврзани со процесот на создавање на филмот.























