
Максим Камењецки, професор на Институтот за меѓународни односи во Киев, се јави во живо на телевизијата N1 и опиша тешките услови за живот во украинската престолнина поради руските напади. Тој посочи дека и покрај уништената енергетска инфраструктура, мнозинството граѓани не сакаат Украина да се предаде.
„Во мојот дел од градот сме без струја околу 20 часа дневно и имаме само четири часа електрична енергија. Имаме само ладна вода и слабо греење. Тоа е сè што имаме“, изјави Камењецки, додавајќи дека температурите во Киев достигнуваат до -20°C, а во некои станови се само 5 степени.
И покрај екстремните услови, украинскиот отпор останува силен. „Социолошките истражувања покажуваат дека меѓу 60 и 70 проценти од граѓаните не сакаат Украина да прифати капитулација“, рече Камењецки.
Тој објасни дека првиот удар врз енергетската инфраструктура се случил на 10 октомври 2022 година и дека градот постојано се бори да ја надомести загубата. Русите ги менуваат тактиките на воздушни напади, од дронови, преку балистички и крстосувачки ракети, до комбинација на сè одеднаш, додаде Камењецки. Украина, според него, возвраќа со слична тактика, таргетирајќи делови од руската енергетска инфраструктура.
Професорот се осврна и на односите со Унгарија и изјавата на премиерот Орбан. „Унгарија долго време нема пријателски однос со Украина. Орбан го користи историскиот комплекс за да се прикаже како заштитник на унгарските интереси“, објасни Камењецки.
За преговорите во Абу Даби, тој наведе дека се постигнати резултати по помали прашања како размена на заробеници, но клучното прашање за териториите останува нерешено.























