
Иран ги заостри правилата за пловидба низ критичниот Ормуски Теснец, објавувајќи дека низ него ќе можат да минуваат само бродови што Техеран ги смета за „непријателски неповрзани“ , и тоа само со претходна координација со иранските власти. Оваа одлука доаѓа во период кога теснецот, преку кој поминува речиси петтина од светската нафта и течен природен гас, е под огромен притисок и од безбедносен, и од енергетски аспект. Бродови поврзани со САД, Израел и други земји кои Иран ги класифицира како агресори, сега практично се исклучени од слободен транзит.
Во практика, тоа значи дека поморскиот сообраќај низ Ормуз повеќе не е само рутинска меѓународна рута. Секое минување ќе зависи од политичка и безбедносна проценка на Техеран, што создава дополнителна неизвесност за глобалните трговски компании и држави зависни од енергетските текови од Персискиот Залив.
Ормускиот Теснец е една од најзначајните светски артерии за енергија. Секоја промена во режимот на пловидба веднаш се одразува врз цените на нафтата и гасот, снабдувањето и економската стабилност. Иако Иран со децении се закануваше со ограничувања, сегашниот потег се смета за еден од најострите до сега.
Реакциите во светот веќе се забележуваат: Индија почна да користи празни бродови заглавени во регионот за транспорт на течен нафтен гас, додека меѓународните институции предупредуваат дека потенцијална продолжена криза во Ормуз ќе има глобални последици, а не само регионални.























