УТРО.мк

Светските медиуми тврдат: Израел подготвува огромен напад врз Иран

Светските медиуми тврдат: Израел подготвува огромен напад врз Иран
Vero

„Њујорк Тајмс“: Израел се подготвува за напад врз Иран – Трамп загрижен за судбината на нуклеарниот договор

Израел, според информации добиени од американски и европски претставници, се подготвува за можен воен напад врз Иран – потег што би можел сериозно да го дестабилизира Блискиот Исток и да ги загрози напорите на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за постигнување нов договор со Техеран околу ограничувањето на иранската нуклеарна програма. Веста ја објави „Њујорк Тајмс“.

Загриженоста во Вашингтон за можно израелско дејствување и евентуален одговор од Иран доведе до повлекување на американски дипломатски персонал од Ирак, како и до дозвола за доброволно заминување на семејствата на американски војници од Блискиот Исток.

Иако не е познат обемот на евентуалниот напад, тензиите меѓу двете страни се зголемуваат веќе со месеци. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го повика претседателот Трамп да ја искористи, како што вели Тел Авив, моменталната ранливост на Иран.

Сепак, Трамп досега одбиваше да даде зелено светло за воена интервенција. Тој инсистираше на продолжување на дипломатскиот процес и преговори со иранските власти за нов договор што ќе ја ограничи способноста на Иран за збогатување ураниум. Пред само две недели, Трамп изјави дека лично го предупредил Нетанјаху да не презема воена акција додека траат преговорите.

Сепак, не е јасно дали претседателот овојпат го одвратил израелскиот премиер од напад. Според извори од Белата куќа, Трамп станал сѐ помалку оптимист за успехот на разговорите, особено откако врховниот ирански лидер го одби предлогот што предвидуваше постепено укинување на правото на Иран да збогатува ураниум.

Покрај американските потези, и Велика Британија издаде предупредување за зголемени ризици за поморската безбедност во регионот, советувајќи ги трговските бродови што транзитираат низ Персискиот и Оманскиот Залив, како и Ормутскиот Теснец, да преземат зголемени мерки на претпазливост.

Според висок ирански функционер, Техеран веќе одржал вонредни состаноци на највисоко ниво, разгледувајќи сценарија за одговор во случај на израелски напад. Наводно, е подготвен контранапад со стотици балистички ракети кон израелска територија. Да потсетиме, Иран веќе изврши голем ракетен напад врз Израел во октомври 2024 година, како дел од конфликтот во Газа, но тогашната штета беше минимизирана благодарение на американската противракетна поддршка.

Американскиот претседател повторно разговараше со Нетанјаху во понеделникот, но Белата куќа не откри детали од разговорот. Претходно, Трамп одржа состанок со Советот за национална безбедност во Кемп Дејвид, на кој се разгледувала безбедносната ситуација на Блискиот Исток.

Во меѓувреме, американските и иранските преговарачи се очекува повторно да се сретнат в недела во Оман, и покрај изјавата на Трамп од понеделникот дека ставот на Иран во преговорите е „неприфатлив“. Специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, и понатаму планира да присуствува на оваа нова рунда разговори.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран