Трамп: „Можеби е грешка“ – реакција на рускиот упад со дронови во Полска
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека упадот на руски дронови во Полска „можеби бил грешка“, но додаде дека е загрижен поради инцидентот кој ги вознемири Варшава и сојузниците во НАТО.
„Можеби беше грешка, но без оглед на тоа, не сум задоволен од ништо поврзано со таа ситуација. Се надевам дека наскоро ќе има крај“, рече Трамп пред новинарите во Белата куќа, пред заминувањето за Њујорк.
Тој нагласи дека ќе ја осуди Русија „дури и само затоа што е на работ на таа линија“, додавајќи: „Не ми се допаѓа. Не сум среќен поради тоа“.
Полска, која побара дополнителни системи за противвоздушна одбрана и технологии за борба против дронови, се обрати до НАТО по вчерашниот упад кога беспилотни летала од Украина и Белорусија навлегоа на нејзина територија, а беа соборени од силите на Алијансата.
На полско барање, НАТО го активираше Член 4 од Северноатлантскиот договор за консултации меѓу членките поради нарушувањето на воздушниот простор.