
Судското рочиште во кое израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху требаше да даде сведочење во рамки на процесот за корупција беше ненадејно откажано само еден час пред закажаниот почеток, пренесуваат израелските медиуми.
Одбраната, преку неговиот адвокат Ами Хадад, побарала одложување на рочиштето, повикувајќи се на нејасно дефинирани безбедносни причини. Одлуката доаѓа по подолга пауза во судскиот процес, кој беше прекинат поради воениот конфликт со Иран.
Нетанјаху е обвинет во три одделни случаи познати во јавноста како „Случај 1000“, „Случај 2000“ и „Случај 4000“, кои опфаќаат наводи за поткуп, измама и злоупотреба на доверба. Обвинителството тврди дека во дел од случаите постоел обид за размена на политичко влијание за медиумско и деловно фаворизирање.
Најсериозните обвинувања се поврзани со „Случај 4000“, каде се тврди дека биле носени регулаторни одлуки во корист на телекомуникацискиот гигант „Безек“ и поранешниот сопственик на медиумот „Вала“, во замена за поволно известување во нивните медиуми.
Покрај правните постапки во Израел, Нетанјаху се соочува и со засилен меѓународен притисок, откако Меѓународниот кривичен суд во ноември 2024 година издаде налог за негово апсење, поврзан со наводи за воени злосторства и злосторства против човештвото во контекст на војната во Појасот Газа.























