
Белгискиот премиер Барт де Вевер изразил поддршка за идејата Европската Унија да се отвори кон можноста за разговори со Русија со цел завршување на војната во Украина, јавуваат белгиски и регионални медиуми.
По состанокот на Европскиот совет што се одржал во Кипар кон крајот на минатата недела, Де Вевер истакнал дека ваквиот пристап сè почесто добива поддршка и кај други европски лидери. Според него, и покрај силната финансиска и политичка помош за Киев, неопходно е да се размислува и за начин како конфликтот да не се одолговлекува бесконечно.
Тој нагласил дека одобрувањето на нов кредитен пакет од околу 90 милијарди евра за Украина покажува дека Унијата останува цврсто на страната на Киев и дека не постои сценарио во кое Русија би излегла како победник. Сепак, предупредил дека продолжувањето на војната со години нанапред би значело нови и непотребни човечки загуби.
„Европа мора да најде начин да стави крај на оваа состојба која предолго трае и која носи само страдање“, порачал тој, додавајќи дека ваквото чувство станува сè поприсутно меѓу членките на ЕУ.
Во однос на европските интеграции, Де Вевер оценил дека полноправното членство на Украина во блиска иднина не е реално. Според него, процесот не може да се забрза вештачки, но треба да се одржат и продлабочат преговорите, кои често траат со години, па дури и со децении. Украина, како што нагласил, треба да остане во рамките на европската перспектива и постепено да се приближува кон Унијата.























