
Италијанските здравствени служби ја следат ситуацијата со групата патници кои биле ставени под медицински надзор поради можна изложеност на хантавирус, но досегашните резултати не покажуваат присуство на инфекција кај ниту еден од нив, соопшти Министерството за здравство на Италија.
Според информациите објавени преку агенцијата Анса, станува збор за лица кои биле во контакт или на исти летови со патничката кај која подоцна бил потврден смртен исход поврзан со хантавирус. Во рамки на мерките за претпазливост, здравствените власти воспоставиле надзор над патници од повеќе дестинации и авиолинии, вклучително и лет на „KLM Royal Dutch Airlines“ на релација Јоханесбург – Холандија, како и патници со индиректен контакт за време на патување меѓу Света Елена и Јужна Африка.
Министерството нагласи дека сите анализи спроведени досега во специјализираната римска болница за инфективни болести се негативни. Тоа се однесува и на лица кои биле сместени во карантин на различни локации низ Италија, меѓу кои Милано, Калабрија и Неапол, како и на еден британски турист и неколку членови на екипажот под здравствен мониторинг.
Иако во моментов шест лица и понатаму остануваат под надзор како мерка на претпазливост, властите потенцираат дека нема потврдени случаи на зараза и дека состојбата се следи континуирано. Според нив, актуелните резултати не даваат индиции за циркулација на вирусот меѓу следените контакти.
















