
Техеран и Вашингтон се на чекор до потпишување меморандум за разбирање што би можел да отвори пат кон поширок договор за иранската нуклеарна програма и намалување на тензиите на Блискиот Исток.
Според информациите што ги објави „Ројтерс“, повикувајќи се на висок ирански функционер, нацрт-документот предвидува повторно отворање на Ормускиот теснец за комерцијален поморски сообраќај, додека Соединетите Американски Држави би започнале со укинување на поморската блокада на иранските пристаништа во рок од 30 дена.
Во документот се наведува и дека Вашингтон нема да воведува нови санкции кон Иран додека траат преговорите. По постигнување конечен договор, би следувало постепено укинување на американските санкции, како и на санкциите воведени од Обединетите нации.
Дополнително, нацртот предвидува ослободување на 25 милијарди долари замрзнати ирански средства.
Во делот што се однесува на нуклеарната програма, Иран би се обврзал дека нема да произведува ниту да набавува нуклеарно оружје, како и дека нема дополнително да го збогатува ураниумот за време на преговарачкиот процес.
Според предложената временска рамка, конечниот договор би требало да биде постигнат во рок од 60 дена по потпишувањето на меморандумот за разбирање.

















