
Сè поостра реторика доаѓа од Москва кон земјите од североисточното крило на НАТО, откако високиот функционер на рускиот Совет за безбедност, Сергеј Шојгу, упати предупредување до Финска и трите балтички држави: Естонија, Латвија и Литванија.
Во неговата изјава, Шојгу тврди дека Русија го задржува правото да реагира во рамки на „самоодбрана“ доколку украински беспилотни летала, како што рече, ја погодуваат руската територија користејќи воздушен простор на овие држави. Според него, ваквото сценарио би можело да се третира како директна вмешаност, со што би се активирале одредби од меѓународното право, вклучително и член 51 од Повелбата на ОН.
Шојгу оди и чекор понатаму, обвинувајќи ги овие земји дека, наводно, стануваат дел од пошироката „стратешка позадина“ на Киев. Тој се повика на инциденти со дронови кои, според неговите тврдења, завршиле на територии на Финска и балтичките држави за време на украински напади врз руското пристаниште Уст-Луга во Финскиот Залив. За овие тврдења не понуди конкретни докази.
Во истата насока, тој сугерираше дека украинските напади сè почесто би можеле да се организираат или изведуваат преку воздушни рути што минуваат над овие држави. Како можни објаснувања ги наведе или наводна неефикасност на западните системи за противвоздушна одбрана, или, пак, свесно дозволување на такви активности од страна на тие земји – обвинувања што имплицитно ги ставаат како активни учесници во конфликтот.
Украинската страна, пак, преку заменик-министерот за надворешни работи Андриј Сибига, порано излезе со спротивна теза. Киев тврди дека има разузнавачки информации кои укажуваат на тоа дека токму Русија намерно пренасочува дронови кон територии на Финска и балтичките држави, со цел да ги зголеми тензиите во регионот.
Од Талин, Рига и Вилнус ваквите обвинувања од Москва се отфрлаат како неосновани и дел од пропагандна нарација, нагласувајќи дека Украина не користела нивен воздушен простор за напади врз Русија.























