УТРО.мк

Шефот на „Ербас“: На Европа ѝ се потребни тактички нуклеарни бомби како одговор на Путин

Шефот на „Ербас“: На Европа ѝ се потребни тактички нуклеарни бомби како одговор на Путин
Vero

Европските држави итно треба да развијат заедничко тактичко нуклеарно оружје како одговор на растечкиот руски арсенал, изјави денеска извршниот директор на „Ербас“, Рене Оберман, прекршувајќи една од најголемите одбранбени табуа на континентот, пренесува „Политико“.

На Берлинската безбедносна конференција, Оберман посочи дека сегашната европска одбранбена поставеност остава опасен јаз под прагот на стратегиски одговор. Тој предупреди на „повеќе од 500 тактички нуклеарни боеви глави“ што Русија веќе ги има распоредено долж источниот фронт на НАТО и во Белорусија.

Пред публика составена од одбранбени функционери, воени офицери и индустриски директори, Оберман праша директно: „Што мислите, како би изгледал нашиот одговор на ограничен руски тактички удар со ограничени последици? Јас немам одговор – но сигурен сум дека вие имате.“

Тактичкото нуклеарно оружје има помала разорна моќ, најчесто од 1 до 50 килотони, и е наменето за употреба на бојното поле. Стратегиското нуклеарно оружје, пак, надминува 100 килотони и е дизајнирано за уништување цели градови.

Според Оберман, Германија, Франција, Обединетото Кралство и „други подготвени европски членки“ треба да започнат „заедничка и постепена програма за нуклеарно одвраќање“. Клучно, нагласи тој, е оваа програма јасно да го опфати и тактичкото ниво – тема за која европските лидери досега ретко се осмелувале јавно да зборуваат.

Франција и Обединетото Кралство се единствените европски нуклеарни сили со сопствени арсенали, но нема заедничка европска доктрина за одговор на ограничен нуклеарен удар.

Се проценува дека Париз располага со околу 290, а Лондон со околу 225 боеви глави, но ниту една од нив не е класифицирана како тактичка. Германија учествува во НАТО-програмата за споделување на нуклеарно оружје, но не поседува сопствено. За споредба, Русија има најголем нуклеарен арсенал во светот, со околу 5.580 боеви глави.

Оберман предупреди дека Европа ризикува погрешно да ја протолкува руската стратегија ако се фокусира исклучиво на стратегиското оружје и ги игнорира огромните руски резерви на тактичко вооружување. Вероодостоен европски одговор, посочи тој, би испратил „моќен сигнал на одвраќање“.

Неговиот настап сигурно ќе поттикне жестока дебата во европските престолнини, каде нуклеарната политика сè уште е исклучително чувствителна тема. Руската агресија врз Украина и повторените закани од Москва со нуклеарно оружје ги принудуваат европските функционери и индустриски лидери да се соочат со прашања што до неодамна беа незамисливи.

Дополнителен фактор е и растечката загриженост за доверливоста на САД како безбедносен партнер, како и предупредувањето на германскиот министер за одбрана Борис Писториус дека Русија би можела да нападне членка на НАТО до 2028 година. Во тој контекст, Полска оваа година соопшти дека е подготвена да учествува во програмата за споделување нуклеарно оружје.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран