Неколку индиски рафинерии планираат да го намалат увозот на руска нафта по зголемениот притисок од Соединетите Американски Држави врз Њу Делхи, со цел да се ограничува трговијата со Москва и да се помогне во завршување на војната во Украина, потврдија три извори за агенцијата Reuters.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека индискиот премиер Нарендра Моди го уверил дека Индија ќе престане да купува руска сурова нафта. „Моди ме увери дека Индја ќе го сопре купувањето на нафта од Русија“, рече Трамп.
Во меѓувреме, САД ги удвоија царините за индиски стоки, со цел да вршат дополнителен притисок врз Њу Делхи. Американските преговарачи сметаат дека намалувањето на индискиот увоз на руска нафта би можело да биде клучен чекор кон трговски договор и намалување на царинските стапки.
Индиската влада реагираше со соопштение, нагласувајќи дека двата главни приоритета на земјата се – обезбедување стабилни цени на енергенси и сигурно снабдување. „Нашата енергетска политика е заснована на националните интереси, со цел стабилност на цените и безбедност на снабдувањето“, се наведува во соопштението.
Индја, заедно со Кина, спаѓа меѓу најголемите купувачи на руска сурова нафта што се извезува преку море. Двете земји ги користеа пониските цени што Русија беше принудена да ги понуди откако европските купувачи престанаа да ја набавуваат нејзината енергија по воведените санкции од САД и ЕУ по инвазијата на Украина во февруари 2022 година.
Доколку увозот се намали, тоа може значително да влијае врз приходите на Русија, но и на глобалниот енергетски пазар, бидејќи Индја моментално е еден од клучните пазари за руска нафта по санкциите на Западот.