Шпанскиот премиер Педро Санчез се спротивстави на предлогот земјите членки на Европската унија да ги зголемат одбранбените расходи на пет проценти од БДП, идеја што ја поддржува американскиот претседател Доналд Трамп.
Во интервју за весникот „Паис“, Санчез изјави дека иднината на Европа треба да се темели на единство и зајакнување на дипломатските механизми, а не на натпревар во вооружување.
„Потребно е да дејствуваме дипломатски за да имаме Европа која не е вооружена до заби, туку Европа што гарантира меѓународно право. Каков свет сакаме да им оставиме на нашите деца?“, праша Санчез.
Тој сепак призна дека моменталните геополитички околности ја принудуваат и Шпанија да ги зголеми трошоците за одбрана, но нагласи дека тоа се прави со цел да се зајакне европската автономија во безбедносниот сектор, не за да се поттикне милитаризација.
Санчез истакна дека Шпанија останува сигурен партнер во рамките на НАТО, посочувајќи го учеството на шпанските сили во заштитата на источните граници на Алијансата.
„Распоредувањето на шпанските војници во Бугарија, Романија, Литванија и Естонија е доказ за нашата посветеност кон колективната безбедност“, рече шпанскиот премиер.























