
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денеска оцени дека Украина се соочува со најтешка зима во изминатите повеќе од десет години, апелирајќи до пратениците на Европската унија да не воведуваат строги ограничувања за користењето на заемот од 90 милијарди евра наменет за безбедност.
Обраќајќи се пред членовите на Европскиот парламент, Руте истакна дека мировните преговори под покровителство на Соединетите Американски Држави се во тек и го пофали американското лидерство во процесот, а воедно се осврна и на активностите на т.н. „Коалиција на волјата“ предводена од ЕУ, која работи на обезбедување безбедносни гаранции за Украина, пренесува „Гардијан“.
Како што нагласи, целта е постигнување мировен договор или долгорочен прекин на огнот во најкраток можен рок, по што ќе се обезбедат гаранции дека рускиот претседател Владимир Путин никогаш повторно нема да ја нападне Украина.
Руте потсети дека НАТО продолжува со поддршката за Украина преку испораки на американска воена опрема вредна милијарди долари, кои пристигнуваат преку Листата на приоритетни потреби на Украина (PURL), како и преку поединечни национални иницијативи.
Тој ги повика европратениците да покажат поголема флексибилност околу користењето на заемот од 90 милијарди евра, предупредувајќи дека прекумерните условувања би можеле дополнително да го отежнат пристапот на Киев до неопходните средства.
„Безбедноста на Украина е безбедност на сите нас“, порача Руте, додавајќи дека земјите членки на ЕУ треба да ѝ овозможат на Украина заемот да го користи и за набавка на оружје и за финансирање на државниот буџет.



























