Путин не отстапува од воените цели и покрај заканите на Трамп
Рускиот претседател Владимир Путин не покажува загриженост поради новите остри закани од Доналд Трамп. Иако Москва жали за влошувањето на односите со САД, изворите блиски до Кремљ велат дека за Путин, војната во Украина останува врвен приоритет, над сите дипломатски очекувања.
Поранешен висок функционер од Кремљ изјави дека „за Путин, инвазијата е егзистенцијално прашање“, а надежите за блиски односи со Трамп биле секундарни. Претходно, Путин се обидувал да ја придобие поддршката на Трамп, особено кога Трамп вети дека ќе го реши конфликтот за 24 часа, но минатонеделната промена во тонот и новата американска воена помош за Киев ги прекинаа тие надежи.
Трамп се налути поради неуспешните телефонски разговори со Путин и се закани со масовни санкции ако не се постигне мировен договор за 50 дена. Рускиот естаблишмент го толкува ултиматумот како „50 дена слобода“ за воена ескалација. Се очекува Путин да ги засили офанзивите, особено во правец на Покровск, каде што руските сили бележат постепен напредок.
Аналитичарите велат дека ултиматумот нема да го поколеба Путин. „Руското раководство не реагира на притисок“, истакнува Фјодор Лукјанов. Во Кремљ расте влијанието на милитантната струја, а личностите како Александар Дугин потсетуваат дека Москва веќе одамна ја смета Америка за воен противник, не за посредник.
И покрај растечката поддршка меѓу обичните Руси за прекин на огнот, оние кои се залагаат за зближување со САД остануваат маргинализирани. Условите на Путин за мир остануваат непроменети – НАТО да не се проширува, Украина да биде неутрална и да се признаат територијалните придобивки на Русија.