Амбасадата на Ватикан во Киев соопшти дека денеска зградата на мисијата беше оштетена во текот на руските напади врз украинскиот главен град, но нема повредени лица.
Во соопштението се наведува дека оваа Апостолска нунцијатура претрпе одредени оштетувања на главната зграда и на сервисните простории за време на уште еден напад врз Киев.
Амбасадорот на Ватикан во Украина, надбискупот Висвалдас Кулбокас, изјави за Ватикан њуз дека видел дронови како кружат околу амбасадата и слушнал неколку експлозии во текот на ноќта.
Кулбокас додаде дека во нападот е оштетен покривот на амбасадата и гаражата, и верува дека бил употребен дрон, а не ракета, пренесува Ројтерс.
Руските воздушни напади во Украина се случија додека во Рим се одржуваше меѓународна конференција за војната во Украина, на која Киев доби милијарди долари помош.
Папата Лав XIV во средата се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски и изјави дека Ватикан е подготвен да биде домаќин на мировни преговори помеѓу Русија и Украина.