
Руски дрон удри во станбена зграда во романскиот град Галац, при што биле повредени две лица, а околу 70 жители биле евакуирани од објектот. Инцидентот се случил во текот на ноќта за време на нов бран руски напади врз украинската инфраструктура во близина на границата со Романија.
Според романските власти, беспилотното летало навлегло во романскиот воздушен простор, по што било следено од воените радари. Дронот паднал врз покривот на станбена зграда во јужниот дел на Галац, а по ударот избувнал пожар на 10-тиот кат.
На местото веднаш биле испратени пожарникари, полиција и безбедносни служби, додека бил активиран и системот за предупредување RO-Alert за жителите на областите Тулча, Галац и Браила.
Романското воздухопловство кренало два борбени авиони Ф-16 од базата Фетешти, а во акцијата бил вклучен и хеликоптер IAR 330 SOCAT. Според Министерството за одбрана, пилотите имале дозвола за интервенција доколку се појави закана.
Локалните медиуми објавија дека експлозивното полнење на дронот детонирало при ударот, предизвикувајќи пожар и оштетување на зградата. Повредените лица биле пренесени на лекување, а пожарот подоцна бил локализиран.
Градот Галац се наоѓа во источниот дел на Романија, во близина на границите со Украина и Молдавија. Според првичните информации, најверојатно станува збор за руски дрон од типот „Шахед“, какви што Москва често користи во нападите врз украински цели.
По инцидентот реагираше и НАТО. Од Алијансата соопштија дека генералниот секретар Марк Руте е во контакт со романските власти и ја осудија, како што наведоа, „руската непромисленост“.
„НАТО ќе продолжи да ја зајакнува одбраната од сите закани, вклучително и од беспилотни летала“, стои во реакцијата на Алијансата.















