Руски борбен авион Су-30СМ се урна во Црното Море
Руски повеќенаменски борбен авион Су-30СМ се урна во близина на Змискиот остров, во Црното Море, соопштија украинските разузнавачки извори. Контактот со леталото бил изгубен за време на извршување на мисија, од засега непознати причини.
Остатоците од авионот се пронајдени во морето, а руските сили во моментов спроведуваат потрага по пилотите. Според проруски извори, авионот бил базиран на окупираниот Крим и припаѓал на поморската авијација на Црноморската флота.
Су-30СМ е повеќенаменски ловец со проценета вредност од околу 50 милиони долари. Русија располага со приближно 130 вакви авиони. Ова е втора загуба на овој модел во последните две недели – на почетокот на август, украински беспилотни летала уништија еден авион и оштетија друг на аеродромот Саки.