Русија со нова тактика на терор: Координирани напади со стотици дронови го парализираат Киев
Жителите на Киев и други украински градови, веќе се навикнати на живот под постојана закана, се соочуваат со нова, уште поопасна стратегија на руската војска – масовни, синхронизирани воздушни напади со стотици дронови и ракети, фокусирани на еден град. Само во јуни биле регистрирани дури 5.429 дронови, а за првите девет дена од јули – повеќе од 2.000.
Последните ноќни напади, особено врз Киев, повторно го втурнаа населението во скривалишта и подземни гаражи, потсетувајќи на првите денови од војната. Новите модели на иранските дронови „Шахед“ со поголем дострел и разорна моќ стануваат сè потешки за пресретнување. Половина од нив служат како мамки – со цел да ја измамат и преоптоварат украинската ПВО одбрана.
„Куќата се тресеше како од хартија. Ноќта ја поминавме во бањата“, сведочи Катја од Киев. Овие напади ретко се смртоносни, но оставаат длабоки психолошки последици, особено кај најмладите. ОН регистрираа 232 цивилни жртви само во јуни, најмногу во последните три години.
Поранешниот разузнавач Иван Ступак предупредува: „Ако не најдеме решение, 2025 ќе биде катастрофална.“ Според него, Русија веќе е во состојба да лансира над 1.000 дронови и ракети во една ноќ.
Претседателот Володимир Зеленски апелира до Западот за итно зајакнување на воздушната одбрана, вклучувајќи и повеќе системи „Патриот“. Британската влада веќе најави нов одбранбен пакет за Украина со над 5.000 ракети за противвоздушна заштита.
„Ова е војна на ресурси“, заклучува Сергиј Кузан од Центарот за безбедност и соработка. „Русите не се фокусираат на технологијата, туку на бројноста – и тоа ги прави уште поопасни.“