Русија и Украина денеска извршија размена на по 146 заробеници од двете страни, соопштија руското министерство за одбрана и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Според информациите од Москва, сите ослободени руски војници се префрлени во Белорусија, каде што им се обезбедува психолошка и медицинска помош. Дополнително, враќани се и осум руски државјани од Курската област.
Зеленски, преку апликацијата Телеграм, потврди дека размената е реализирана, објавувајќи фотографии од насмеаните повратници. Тој нагласи дека дел од нив биле во заробеништво уште од 2022 година, меѓу кои и новинар заробен еден месец по почетокот на руската инвазија.
Украинскиот претседател се заблагодари на Обединетите Арапски Емирати за посредничката улога. „Размените продолжуваат. Тоа е можно благодарение на нашите војници кои го зголемуваат фондот за размена за Украина,“ истакна Зеленски, алудирајќи на новите заробени руски војници.