
Со својата 1.300 километри долга граница со Русија, Финска се претвори во своевиден сеизмограф за воените амбиции на Москва кон Западот. Откако стана членка на НАТО, секое движење на руските сили во Карелија и на Кола се следи внимателно, а најновите сателитски снимки укажуваат на значителни активности кои будат загриженост.
Според финската јавна телевизија Yle, Русија започнала со обнова на стариот гарнизон во Петрозаводск, главниот град на Република Карелија, оддалечен само 175 километри од финската граница. Гарнизонот, напуштен со години, добива нов живот: се чистат шуми, се гради инфраструктура, а десетици воени возила се стационирани во населбата Рибка.
Воениот аналитичар Марко Еклунд, кој ги следи руските трупи повеќе од две и пол децении, предупредува дека работите на теренот укажуваат на трајна употреба. „Овој објект би можел да стане основа за новиот 44-ти армиски корпус на Русија, кој треба да брои околу 15.000 војници“, објаснува тој. Овие сили ќе имаат потреба од сместување и полигони за обука, а паралелно се продолжуваат градежните активности и во Кандалакша.
Сателитските набљудувања покажуваат и проширување на базата Лупче-Савино, на стотина километри од финската граница, каде се подготвуваат нови објекти за артилериска и инженерска бригада, со капацитет за околу 2.000 војници.
Американскиот Институт за проучување на војната (ISW) оцени дека овие активности се дел од поголем план на Москва за „поширока воена експанзија и подготовка за можен конфликт со НАТО“. По реформата на Западниот воен округ во 2024 година, северната граница со Финска сега спаѓа под Ленинградскиот воен округ, што според аналитичарите ја зацврстува стратешката позиција на Русија кон Алијансата.
Сепак, финската разузнавачка служба смирува: „Досегашните промени не претставуваат непосредна закана, бидејќи не доведоа до значително зголемување на капацитетите на Русија во соседството“. Повеќето руски сили остануваат ангажирани во Украина. Но извештајот додава дека по завршувањето на конфликтот, „Финска ќе биде една од главните насоки за развој на руските вооружени сили“.























