
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, денеска порача дека класичните западни безбедносни и политички структури – НАТО, Европската унија и ОБСЕ – ја губат својата релевантност, додека глобалниот интерес се движи кон создавање на единствена евроазиска безбедносна рамка.
„НАТО не ги исполни ветувањата дадени кон Советскиот Сојуз дека нема да се шири кон исток, ЕУ ја уништи соработката со Русија, а ОБСЕ се покори на едностраните интереси на Западот, заборавајќи го основниот принцип на консензус меѓу сите членки“, изјави Лавров за БРИКС ТВ.
Рускиот шеф на дипломатијата истакна дека неговата земја веќе работи на развој на Големото евроазиско партнерство, кое треба да се надгради преку Евроазиската економска унија (ЕАЕУ), Шангајската организација за соработка (ШОС) и Асоцијацијата на нациите од Југоисточна Азија (АСЕАН). Според него, светот сè повеќе ја гледа оваа иницијатива како потенцијален пат кон стабилна евроазиска безбедносна архитектура.
„Западот се обидува да го зачува униполарниот свет базиран на улогата на доларот и институциите кои тој ги создаде, но тоа не е возможно со ограничување на новите економски центри на раст“, подвлече Лавров, истакнувајќи дека земји како Индија, Бразил и Кина бележат динамичен развој, додека Африка се обидува да ја намали зависноста од извозот и да ја гради сопствената индустрија.
Тој посочи и дека западните сили, особено со администрацијата на Доналд Трамп, отворено се обидувале да го задржат своето некогашно доминантно место и да го ограничат развојот на конкуренцијата, особено во енергетскиот сектор.























