
Најмалку две лица го загубија животот, а 39 се повредени во тешка трамвајска несреќа што се случи во петокот попладне во Милано, потврди локалната полиција, пренесе италијанската новинска агенција ANSA.
Според првичните информации, трамвајот што сообраќал на линијата 9 излетал од шините кратко по 16 часот и удрил во станбена зграда во близина на историскиот центар на градот. Причините за несреќата засега не се познати и се предмет на истрага.
Обвинителот Марчело Виола, кој извршил увид на местото на настанот заедно со дежурната обвинителка Елиса Каландучи, изјави дека станува збор за „катастрофален удар“.
Полицијата веднаш го блокираше поширокиот простор околу местото на несреќата и не дозволи пристап на граѓани, додека спасувачките екипи работеа на извлекување на повредените и обезбедување на теренот.
Во моментот на излетувањето, трамвајот бил полн со патници, кои по силниот удар биле оттурнати и паднале на подот. Според првичните сознанија, една од жртвите најверојатно е пешак кој се движел по улицата „Виале Виторио Венето“ и бил затекнат од несреќата.
На терен интервенирале пет возила на противпожарната служба со околу 25 пожарникари, како и медицински екипи.
Сведоци на настанот опишуваат сцени на паника. „Слушнав силна експлозија и видов како дел од трамвајот удира во продавница“, изјавила 17-годишна девојка за AFP. Еден од патниците за ANSA рекол дека во првиот момент помислил дека станува збор за земјотрес.























