Повеќе од три години по почетокот на руската инвазија на Украина, Западот влегува во нова фаза на дипломатска активност, додека украинските и американските делегации се обидуваат да го усогласат мировниот предлог кој во првата верзија беше во корист на Русија.
Специјалниот пратеник на претседателот Доналд Трамп патува во Москва за разговори со Кремљ, додека аналитичарите предупредуваат дека Владимир Путин не го води овој конфликт заради освоени територии. Неговиот вистински цел е засилување на улогата на Русија во регионот и обезбедување на клучна позиција во идната европска безбедносна архитектура.
И покрај огромните загуби на руската армија, Путин смета дека има стратешки моментум, не на бојното поле, туку преку политичките импликации на долготрајниот конфликт. Русија модернизирала дел од командните структури, се потпирала на Иран, Кина и Северна Кореја, и развила дронови, но тоа не довело до пресуден пробив на фронтот.
Путин не го мери успехот во освоените километри. Во неговата стратегија, војната е алатка за враќање на Русија како неизбежен актер во европската политика. Дури и минималните теренски придобивки служат како доказ за „неизбежна руска победа“, што според него создава притисок врз Западот да преговара и да прифати компромиси.
Дипломатските разговори меѓу САД и Украина во Флорида се фокусираат на можни територијални договори, безбедносни гаранции и распишување на нови украински избори, додека претставници на Белата куќа наскоро ќе отпатуваат за Москва за разговори со Путин.
Новите американски предлози се обидуваат да ги усогласат украинските ставови, но територијалните и политичките разлики остануваат главната пречка. Путин инсистира на повлекување на украинските сили од Донбас, додека Украина тоа го смета за капулцијација и отворен пат за понатамошна руска агресија.
Според аналитичарите, вистинската цел на Кремљ не е територија, туку долгорочна дипломатска и политичка предност која ќе ја врати Русија како неопходен партнер во дефинирањето на идниот поредок на Европа.



























