Украина синоќа изведе дрон-напад врз рафинеријата за нафта во Кириши, во Ленинградската област на Русија. Според гувернерот Александар Дрозденко, три дрона биле соборени над градот, но нивните остатоци предизвикале пожар во комплексот. Огнот бил брзо изгаснат и нема жртви.
Ова не е прв напад врз рафинеријата – и на 8 март годинава таа беше погодена од украински дронови.
Рафинеријата во Кириши, оддалечена повеќе од 800 километри од украинската граница, е една од најголемите во Русија со капацитет од над 10 милиони тони годишно. Таа произведува бензин, дизел, авионско гориво и други деривати, снабдувајќи значителен дел од домашниот пазар и претставува клучен дел од руската енергетска инфраструктура.