Украина, доколку добие американски крстосувачки ракети „Томахавк“, ќе ги користи за напади врз руските нафтени рафинерии — изјави полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски, пренесува британскиот „Гардијан“.
„Русија е толку голема што невозможно е сите цели да се заштитат со противвоздушна одбрана“, рече Сикорски, додавајќи дека нападите врз енергетските капацитети би можеле да бидат следната фаза од украинската стратегија, доколку Вашингтон ја одобри испораката на ракети со долг дострел.
Сикорски истакна дека сè повеќе европски лидери стануваат скептични кон продолжувањето на војната и нејзините резултати. Тој наведе дека унгарскиот премиер Виктор Орбан наводно му рекол на Доналд Трамп дека „Русија секогаш на крајот победува“.
Британските медиуми ја толкуваат оваа изјава како сигнал дека во европските политички кругови се шири недоверба кон украинските воени цели, особено во момент кога Западот покажува замор од конфликтот, а поддршката за Киев опаѓа.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во петок ќе престојува во Вашингтон, каде што официјално ќе побара од американскиот претседател Доналд Трамп испорака на ракетите „Томахавк“.
Според американски извори, првата цел – доколку испораката биде одобрена – би бил рускиот центар за производство на ракети. Вашингтон сè уште нема донесено конечна одлука, но руските власти веќе предупредија дека евентуалната употреба на „Томахавк“ би значела сериозна ескалација на конфликтот и „директен удар врз стратешката безбедност на Русија“.