
Во масовниот ноќен напад врз Одеса се повредени најмалку 18 лица, а градот претрпе значителна материјална штета на повеќе локации, соопштија украинските власти.
Началникот на воената администрација на регионот, Серхиј Лисак, аоопшти дека експлозиите и ударите зафатиле станбени згради во различни делови од градот, при што избувнале пожари во високи објекти, но и во приватни домови. Најтешко погоден е Приморскиот округ, каде што се регистрирани и најобемните разурнувања.
Под удар се нашле и бројни јавни и комерцијални објекти – меѓу нив детска градинка, хотел, трговски центар и неколку административни институции. Оштетена е и градската инфраструктура, а на повеќе паркинзи изгореле возила. Во некои делови од Одеса се пријавени и погодени складишта.
Меѓу повредените има и малолетник, додека неколку лица се во критична состојба и се згрижени на интензивна нега, информираат полицијата и регионалните служби.
Во текот на ноќта и утринските часови, над 200 спасувачи учествувале во гаснењето на пожарите и во операциите за пребарување и извлекување на затрупани лица. Паралелно, на терен биле распоредени и психолози за поддршка на жителите, особено на децата погодени од нападот.
Властите соопштуваат дека голем број објекти се целосно уништени или сериозно оштетени, а проценката на штетите и расчистувањето на погодените зони сè уште продолжуваат.























