
Полска отворено сигнализира подготвеност да стане ново главно европско упориште за американските трупи, доколку дојде до намалување на нивното присуство во Германија, што сè појасно се наметнува како можен сценарио во Вашингтон.
Полскиот претседател Карол Навроцки порача дека Варшава е подготвена веднаш да ги прифати американските војници кои би биле евентуално повлечени од германска територија. Од воена вежба на НАТО во Литванија, тој истакна дека ќе се ангажира и лично кај американскиот претседател Доналд Трамп за дел од тие сили да бидат пренасочени кон источното крило на Алијансата, нагласувајќи дека Полска веќе располага со соодветна инфраструктура за нивно сместување.
Оваа изјава доаѓа во чувствителен момент, додека Пентагон наводно подготвува план за повлекување на околу 5.000 американски војници од Германија во текот на следната година, а Трамп истовремено остава простор за уште пошироки редукции на американското воено присуство во Европа, според медиумски извештаи.
Во Варшава, сепак, не се чека пасивно на одлуките од Вашингтон. Заменик-министерот за надворешни работи Марчин Босацки потврди дека разговорите меѓу двете земји веќе се водат и на воено и на дипломатско ниво. Според него, Полска нема да се противи доколку дел од американските сили се преместат од Германија на нејзина територија, иако официјалниот став на Варшава останува дека не би сакала да дојде до намалување на американското присуство во Германија.
Сличен тон доаѓа и од министерот за надворешни работи Радослав Сикорски, кој на безбедносна конференција во Варшава порача дека дополнителни американски војници би биле добредојдени во Полска, без разлика од каде би биле прераспоредени.
Во моментов, Полска е домаќин на околу 10.000 американски војници, додека во Германија се стационирани приближно 36.000, што ја прави една од клучните американски воени бази во Европа.
















