
Две беспилотни летала влегле во Латвија од територијата на Русија, по што се урнале, соопшти латвиската армија рано утринава.
Еден од дроновите паднал врз складиште за нафта во градот Резекне, на околу 40 километри од руската граница, објави латвиската јавна радиотелевизија ЛСМ, повикувајќи се на полицијата.
Пожарот што избувнал по падот на леталото се изгаснал пред пристигнувањето на пожарникарите, пренесуваат локалните медиуми.
На местото на инцидентот биле испратени единици на вооружените сили, полицијата и спасувачките служби.
Латвиските власти утринава издале предупредување за дронови за жителите кои живеат во близина на границата со Русија и ги повикале да останат во своите домови.
Локалните власти соопштиле дека сите училишта во Резекне денеска ќе останат затворени.
Кон крајот на март, неколку украински дронови залутале и паднале во Латвија, како и во соседните земји и членки на НАТО – Естонија и Литванија. Еден од дроновите тогаш удрил во оџак на електрана, додека друг се урнал во замрзнато езеро и експлодирал.
Се верува дека украинските беспилотни летала биле лансирани со цел да погодат воени цели во Русија.
Министрите за надворешни работи на трите балтички земји во април изјавија дека нивниот воздушен простор и територија нема да бидат користени за напади со дронови врз Русија.
Latvijas teritorijā nokrituši 2 droni; izsludināts gaisa telpas apdraudējums Balvu, Ludzas un Rēzeknes novadā.Plašāk:https://t.co/n2VKskaMxKpic.twitter.com/jlhIcOOwtH— LTV Ziņu dienests (@ltvzinas)May 7, 2026
















