УТРО.мк

ЕУ усвои нови правила за возачките дозволи: Рок од 3 години за спроведување во земјите-членки

ЕУ усвои нови правила за возачките дозволи: Рок од 3 години за спроведување во земјите-членки
Vero

Европската унија подготвува значајна трансформација на системот за возачки дозволи, откако Европскиот парламент даде зелено светло за нов пакет правила чија цел е модернизација на сообраќајните прописи и зголемување на безбедноста на патиштата низ цела Европа.

Реформата, која ќе се воведува постепено во периодот меѓу 2028 и 2030 година, носи неколку суштински промени што директно ќе влијаат и на возачите и на транспортниот сектор. Една од најистакнатите новини е воведувањето дигитална возачка дозвола, која ќе може да се чува и користи преку мобилен телефон, на сличен начин како дигитални банкарски картички или лични документи.

Во фокусот на новите правила е и заострувањето на дисциплината на патиштата. Доколку на некој возач му биде изречена забрана за управување со возило во една земја-членка, таа мерка отсега ќе важи на територијата на целата Европска Унија. Со тоа се затвора долгогодишната можност санкционирани возачи да продолжат да возат преку преминување во друга држава.

Сепак, не сите казни ќе бидат централизирани. Прекршоците што не вклучуваат забрана за возење и понатаму ќе останат во надлежност на државата во која се извршени, а идејата за единствен европски систем на казнени поени е напуштена во финалната верзија на реформата.

Причината за ваквото заострување на правилата лежи во загрижувачките податоци: секоја година околу 20.000 луѓе ги губат животите во сообраќајни несреќи низ Европската Унија, што останува силен мотив за унифицирање и модернизација на законодавството.

Промени ќе има и во однос на категориите и условите за возење. Возачите со Б категорија ќе добијат можност да управуваат возила до 4,25 тони, но само по дополнителна обука или положен посебен испит.

Паралелно, за да се одговори на недостигот од професионални возачи, се намалуваат и старосните граници во транспортниот сектор. Идните камионџии ќе можат да почнат кариера на 18 години, наместо досегашните 21, додека за автобуски возачи границата се спушта од 24 на 21 година. За сите нови професионални возачи се воведува и задолжителен пробен период од најмалку две години.

Посебно внимание се посветува и на младите возачи: во сите земји-членки се воведува можност 17-годишници да возат под надзор на придружник, со цел побезбедно стекнување на практично искуство пред самостојно учество во сообраќајот.

Здравствената проверка исто така станува дел од процесот за добивање дозвола, преку задолжителен лекарски преглед или формулар за самооценување на здравствената состојба.

Во иднина, возачките дозволи ќе имаат важност од 15 години, по што земјите членки ќе можат, но нема да мораат, да бараат обновен медицински преглед.

Иако политичкиот договор е веќе постигнат, следува период на усогласување: државите имаат три години да ги вградат правилата во своите законодавства, по што ќе следи уште една година транзиција пред целосна примена на системот. Промените за професионалните возачи се очекува да стартуваат околу 2028 година, додека целосната дигитализација на возачките дозволи треба да биде реалност до 2030 година.

MegaWin
MegaWin
Green Machines

Сподели го овој напис

MegaWin
MegaWin
Филигран