Полскиот премиер Доналд Туск ги информирал политичките лидери во земјата дека двојца осомничени, идентификувани како извршители на саботажата на железничката инфраструктура, имале цел да предизвикаат сериозна железничка катастрофа, објави „Скај њуз“. Според Туск, лицата се од Украина и соработувале со руските разузнавачки служби, а по инцидентот избегале во Белорусија. Еден од нив бил осуден во отсуство од судот во Лавов за претходна саботажа.
Заменик-премиерот и министер за одбрана Владислав Косињак-Камиш изјави за Радио Зет дека „сите траги водат кон исток, кон Русија“, алудирајќи на поширокиот контекст на хибридни закани со кои се соочуваат европските земји. Тој потврди дека истражителите проучуваат уред пронајден близу местото на експлозијата, кој можеби бил користен за снимање или надгледување.
Од Москва повторно стигна демант. Како што пренесе РИА Новости, руските власти оценија дека „обвинувањата од Западот се изнесуваат без докази и никогаш не се потврдуваат“.
Инцидентот бил пријавен во неделата наутро, кога машиновозач забележал неправилности кај делот од пругата во областа Жичина. Прелиминарната проверка утврдила дека штетата е предизвикана од експлозија.
Сообраќајот на двојната железничка делница Соболев–Жичина беше целосно обновен утрово, по завршувањето на поправките, потврди министерот за инфраструктура Дариуш Климчак.























