УТРО.мк

Планиран терористички напад во Германија – уапсен маж од Босна и Херцеговина

Планиран терористички напад во Германија – уапсен маж од Босна и Херцеговина
Vero

Уапсен 27-годишен маж во Есен под сомнение за планирање терористички напад

Специјалната полициска единица уапси 27-годишен маж од босанско потекло во Есен, во раните утрински часови, под сомнение за планирање терористички напад. Акцијата е дел од поширока истрага за финансирање тероризам и организирана измама што трае неколку недели, објави Билд.

Истражителите го следеле осомничениот подолго време, а денес биле спроведени координирани претреси во Есен, Дортмунд, Дизелдорф и Зест, со поддршка од специјални и дополнителни полициски единици. Притоа биле запленети електронски уреди и други материјали релевантни за истрагата.

Главната обвинителка Александра Визе изјави дека случајот се поврзува со лажно купување и препродажба на скапа електроника, преку што веќе е прибавена петцифрена сума во евра.

Полицијата наведува дека постои сомневање за подготовка на напад со огнено оружје. Уапсениот, кој има воена обука, живее во Есен. Втор осомничен се наоѓа во Дортмунд, а биле претресени и домови на нивни познаници, кои засега се третирани како сведоци.

Министерот за внатрешни работи на Северна Рајна-Вестфалија, Херберт Ројл, изјави: „Полицијата дејствуваше навреме. Секој што планира терористички напад во нашата земја мора да знае дека ќе му затропаат на вратата – пред да биде предоцна.“

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран