
Катастрофален шумски пожар го зафати полуостровот Кап Ферет на југозападот од Франција, принудувајќи ги властите да наредат целосна евакуација на едно од најпознатите туристички одморалишта во земјата.
https://publish.x.com/?query=https%3A%2F%2Fx.com%2Fm6info%2Fstatus%2F2080558581284262341&widget=Tweet
Илјадници жители и туристи ја напуштаат областа преку главниот пат кон Бордо, додека за посетителите се организирани евакуации и со бродови од неколку пристаништа. Француските власти соопштија дека мерката е донесена поради брзото ширење на огнената стихија и опасноста за населението.
Пожарот избувнал во вторникот во близина на Саумос, а за само неколку дена зафатил околу 8.700 хектари. Силниот ветер и високите температури дополнително го отежнуваат неговото ставање под контрола.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека ситуацијата е „многу напната“ и потврди дека Франција побарала помош преку Европската Унија. Во земјата се очекува пристигнување на противпожарни авиони од Хрватска, Португалија, Чешка и Словачка.
Во меѓувреме, втор голем пожар беснее во близина на Бискарос, каде што се евакуирани повеќе од 23.000 луѓе. Пожарот таму веќе уништил околу 2.500 хектари, а властите предупредуваат дека ситуацијата останува исклучително тешка.
Франција не е единствената земја погодена од огнената стихија. И во Шпанија е прогласена вонредна состојба поради повеќе големи шумски пожари што се закануваат на областа околу Мадрид и покраината Авила, каде што се евакуирани над 10.000 жители.
Експертите предупредуваат дека комбинацијата од екстремни горештини, суша и силен ветер создава идеални услови за брзо ширење на пожарите, поради што јужниот дел на Европа се соочува со една од најтешките пожарни сезони во последните години.

















